8.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Италијански министер: Болсонаро не побара државјанство, а и да побараше немаше да го добие

Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани изјави дека поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро не поднел барање за италијанско државјанство и дека не би можел да го добие дури и да го направел тоа.

„Тој не го побара тоа и не верувам дека може да го добие, што се однесува до мене“, изјави Тајани во интервју за италијанското радио.

Бразилските медиуми објавија по немирите на приврзаниците на Болсонаро во Бразилија во неделата дека поранешниот претседател бара италијанско државјанство.

Во неделата, илјадници демонстранти упаднаа во Конгресот, Врховниот суд и претседателската палата, одбивајќи да го признаат изборниот пораз на Болсонаро од левичарот Луис Инасио Лула да Силва, кој пред една недела положи заклетва како претседател на Бразил.

Бразилската полиција уапси околу 1.500 луѓе во понеделникот, еден ден откако радикалните приврзаници на Болсонаро ја ограбија зградата на Конгресот, ги пробија барикадите, се качија на покривот и ги искршија прозорците.

Болсонаро, кој моментално престојува во американската сојузна држава Флорида, а вчера беше хоспитализиран поради болки во стомакот, никогаш јавно не се огласил и не ја признал загубата на изборите.