21.8 C
Скопје
1. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Pixabay
СВЕТИЗБОР

(Видео) Историско невреме во САД, погодени стотици лица, има мртви

Околу 200 милиони Американци се погодени од силната зимска бура што ги зафати САД. Се проценува дека досега загинале најмалку 12 лица. Повеќе од 1,5 милиони жители останаа без струја, а илјадници летови беа откажани вчера.

Огромното невреме се протега на повеќе од 3.200 километри, од Тексас на југот на САД до Квебек во Канада. Циклонска бомба или ненадеен пад на атмосферскиот притисок предизвика виулици на Големите езера, лоцирани на границата на САД и Канада. Во Онтарио и Квебек, стотици илјади луѓе се без струја. Предупредувањата за екстремен студ и зимско невреме беа на сила во поголемиот дел од остатокот од земјата, од Британска Колумбија до Њуфаундленд.

Што се однесува до САД, температурите во Елк Парк, Монтана, паднаа на -45 степени Целзиусови, додека градот Хел, Мичиген, „замрзна“. Во Јужна Дакота Индијците си ги палеле алиштата на снегот за да се стоплат откако останале без гориво, пишува Би-Би-Си.

Пријавени се поплави на крајбрежјето во Нова Англија, Њујорк и Њу Џерси, а некои жители одлучија да лизгаат на заледените улици во Сиетл и Портланд. Предупредувања за замрзнување се издадени дури и во потоплите јужни држави како Луизијана, Алабама, Флорида и Џорџија.

Досега најмалку 12 лица загинаа во невремето што ги зафати САД. Многумина од нив загинаа во сообраќајни несреќи. Во Охајо дошло до верижен судир на 50 возила, во кој животот го загубиле двајца возачи. Проблемите во сообраќајот се влошуваат поради недостигот на работници за чистење снег, за што се обвинуваат ниските плати.

Националниот временски сервис наведува дека 100 дневни температурни рекорди би можеле да бидат постигнати или срушени во наредните денови. Во некои градови веќе се забележани рекордно ниски температури кои не се забележани со децении.

Во четвртокот во Денвер беше -33 степени Целзиусови, што е најстудената температура од 1990-тите. Во Нешвил, Тенеси, температурата падна под нулата за првпат по 26 години. Рекордно ниско ниво од -41 степени Целзиусови беше забележано во Каспер, Вајоминг, во вторникот.

Спонзорирано: