22.8 C
Скопје
14. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТТОП ВЕСТИ

ОН постигна историски договор за заштита на копното и океаните

На Конференцијата на ОН за биолошка разновидност денеска беше постигнат историски договор.

Договорот претставува најзначаен напор за заштита на копното и океаните и обезбедување на потребните средства за спас на биодиверзитетот во неразвиените земји.

Усвојувањето на глобалната рамка за биолошка разновидност доаѓа еден ден пред крајот на 15-тиот состанок на Конференцијата на страните на Конвенцијата на ОН за биолошка разновидност (COP15) во Монтреал со која претседава Кина, која предложи нов нацрт-договор претходно во текот на денот и го даде многу потребниот моментум на застојот на преговорите.

Најзначајниот дел од договорот е обврската да се заштитат 30 проценти од земјиштето и водата кои се сметаат за важни за биолошката разновидност до 2030 година, а во моментов се заштитени 17 проценти од копнените и 10 проценти од морските области.

Договорот, исто така, предвидува да се соберат 200 милијарди долари до 2030 година за биолошката разновидност од низа извори и да се работи на промени во системот за субвенционирање што би можело да обезбеди уште 500 милијарди долари за зачувување.

Како дел од финансискиот пакет, глобалната рамка бара зголемување на финансирањето на сиромашните земји на најмалку 20 милијарди долари годишно до 2025 година, или приближно двојно повеќе од сегашната распределба.

Таа сума би се зголемувала на 30 милијарди долари секоја година до 2030 година. Некои од учесниците сакаа построги формулации околу субвенциите што ги прават храната и горивото значително поевтини во многу делови од светот, но документот само повикува до 2025 година да се идентификуваат оние што можат да се реформираат или постепено да се укинуваат и да се работи на нивно намалување до 2030 година.

Министрите и владините претставници од околу 190 земји генерално се согласија дека заштитата на биолошката разновидност мора да биде приоритет, а многумина ги споредуваат овие преговори со самитот COP27 во египетскиот Шарм ел Шеик, пренесува АП. Една проценка за 2019 година предупредува дека милион растителни и животински видови се соочуваат со исчезнување во рок од неколку децении, стапка на загуба 1.000 пати поголема од очекуваната.