21.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Министрите на ЕУ одлучуваат за кандидатскиот статус на БиХ

Министрите за европски прашања на 27. земји од ЕУ на средба во Брисел треба да одлучат за доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина, што би било прва фаза од долгиот процес на пристапување на оваа балканска земја.

Позитивната одлука – која бара едногласност – се чини можна, велат дипломатски извори, една недела по самитот во Тирана на кој ЕУ ја потврди својата посветеност на перспективата за интегрирање на Западен Балкан во блокот.

Некои од земјите-членки силно ја поддржуваат Босна и Херцеговина да добие кандидатски статус, вклучително и Хрватска, додека дел од нив сметаат дека земјата не ги исполнила потребните услови за тоа.

Зеленото светло на министрите во вторник треба потоа да го поддржат и лидерите на дваесет и седумте членки на самитот на ЕУ во четврток.

Во октомври, Европската комисија препорача земјите-членки да и’ дадат кандидатски статус на земјата со 3,5 милиони жители.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, ја истакна потребата да се „внесе позитивен моментум“, посочувајќи дека војната во Украина му даде „ново геополитичко значење“ на проширувањето, што е „долгорочна инвестиција во мирот, просперитетот и стабилноста за нашиот континент“.

Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји ги повика лидерите на Босна и Херцеговина „да ја искористат оваа историска шанса максимално и брзо да ги спроведат мерките наведени во препораката на Комисијата“.

Признавањето на кандидатскиот статус е само почеток на долг процес.

Следниот чекор, кој исто така бара едногласност на дваесет и седумте, е отворањето на официјалните пристапни преговори, за што е потребно време бидејќи земјите-кандидатки мора да вклучат голем број европски законодавни акти во своето национално право.

Седум земји се веќе официјални кандидати за членство во ЕУ: Турција (1999, сега замрзнат процес), Северна Македонија (2005), Црна Гора (2010), Србија (2012), Албанија (2014), Украина и Молдавија (2022). Косово, исто така, ја објави својата намера да аплицира за членство.

Спонзорирано: