Британскиот премиер Риши Сунак синоќа изјави дека т.н. златна ера на односите со Кина заврши со оценување дека таа земја станува сè поголем предизвик за британските вредности и интереси. Во својот прв голем надворешнополитички говор Сунак рече дека британскиот пристап кон Кина мора постепено да се менува и дека Пекинг „свесно се натпреварува за глобално влијание користејќи ги сите лостови на државната моќ“.
„Да бидеме јасни, таканаречената златна ера е завршена заедно со наивната идеја дека трговијата ќе доведе до социјални и политички реформи“, рече Сунак во финансискиот кварт на Лондон мислејќи на описот на поранешниот министер за финансии, Џорџ Озборн, за британско-кинеските односи во 2015 година.
„Ние разбираме дека Кина претставува систематски предизвик за нашите вредности и интереси, предизвик што станува сè поакутен додека се движи кон уште поголем авторитаризам“, рече тој осврнувајќи се на најавата на Би-би-си за нападот на кинеската полиција врз нивните новинари.
„Се разбира, не можеме едноставно да ја игнорираме важноста на Кина во светските работи – за глобалната економска стабилност или прашања како климатските промени. САД, Канада, Австралија, Јапонија и многу други исто така го разбираат ова“, рече Сунак.
Сунак рече дека Британија мора да го преземе истиот долгорочен пристап како и нејзините противници и конкуренти, како што се Русија и Кина.
„Соочени со овие предизвици, нема да бидат доволни краткорочните или желбите. Не можеме да зависиме од аргументите и пристапите од Студената војна или обичната сентименталност за минатото“, рече британскиот премиер.