14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Picture by Andrew Parsons / No 10 Downing Street
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТТОП ВЕСТИ

Џонсон: Германците се надеваа на брз пораз на Украина

Поранешниот британски премиер Борис Џонсон во интервју за Си-ен-ен зборуваше за почетоците на руската агресија врз Украина и рече дека меѓу европските земји во февруари имаше различни мислења за рускиот напад.

Џонсон рече дека Франција и Германија имаат сосема различни толкувања во споредба со другите земји.

„Германската гледна точка во една фаза беше ‘ако се започне војна, што би било катастрофа, тогаш би било подобро да се заврши целата работа брзо и Украина да се откаже’. Мислам дека тоа беше катастрофална гледна точка, но можам да разберам зошто размислувале така“ – изјави Џонсон.

Како една од причините за таквите размислувања на Германија Џонсон ја наведе енергетската зависност на земјата од Русија.

Поранешниот британски премиер ја критикуваше и Франција.

„Не сомневајте се, Французите до последен момент негираа што се случуваше на теренот“, изјави Џонсон.

Третата земја на која се осврна е Италија, тогаш предводена од премиерот Марио Драги.

„Неговата влада тогаш рече дека нема да може да ја поддржи позицијата што ја заземаме со оглед на тоа дека Италија е масовно зависна од руските енергетски извори“, додаде Џонсон.

Меѓутоа, кога започна војната, Џонсон рече дека ставовите низ Европа се сменија многу брзо.

„Она што се случи беше дека сите, Германците, Французите, Италијанците, Американците, видоа дека едноставно нема друга опција. Едноставно не можете да преговарате со Владимир Путин. Тоа е клучната работа“, рече Џонсон.