26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Митева: Скриптите за учење чинат над половина милион долари, а тие се со еднократна употреба

„Неспособноста на власта резултира со немање учебници за учениците од основно образование до денес, 20 октомври, два месеца од почетокот на учебната година. Имено, МОН платило половина милион евра за еднократна употреба на скрипти и на прашањето кој профитира, а кој губи од двојното плаќање за иста работа, од МОН до денес немаме одговор“, рече Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

„Но, која е вистината? Ова е документ од Светската банка, од кој може да се види дека на 15.8.2022 година обезбедени ѝ се половина милион американски долари на фирмата ‘Тримакс’ ДОО Скопје за подготовка, печатење и дистрибуција на материјали за учење во основното образование. Она што е фрапантно во целата ситуација е што, иако се додели половина милион долари за подготовка, печатење и дистрибуција, дополнителни 100.000 се потрошени само за печатење. Значи, повторно се плаќа двојно за една иста работа.

Имено, овие средства се дел од програмата на Светската банка за проектот за унапредување на основното образование, вреден 21,5 милион евра, што го потпиша МОН во 2020 година и има цел долгорочен развој на македонското образование преку 4 компоненти, и тоа: подобрување на училишната инфраструктура, развивање програма за државно тестирање, зајакнување на компетенциите на наставниот кадар и мониторинг и управување на проектот.

Наместо за долгорочен развој, како што е предвидено во самиот проект, овие 552.703 американски долари завршиле за покривање на неспособноста на власта. Тоа што власта не успеа до денес да обезбеди учебници, а голема е веројатноста и првото полугодие да заврши без учебници, е причината поради која парите што можело да бидат наменети за долгорочен развој на образованието и кои би служеле за повеќе генерации, се трошат на скрипти од 100-ина листа хартија со употребна вредност од два месеца.

МОН, наместо да ги употреби средствата најцелисходно и ефикасно, ги употребило овие средства за еднократна употреба.

Дополнително, да потсетиме дека овие т.н. скрипти се збир од материјали, кои власта успеала ги сублимира од минатогодишните учебници и од некои од новите. Имено, станува збор за само една скрипта – учебник од стотина страници, во кои се содржани сите наставни предмети. А содржината на оваа скрипта е збир од веќе постојните минатогодишни учебници и само поделена во делови за да се направат материјали за учење. Или, ова се истите материјали за кои лани БРО им плати на авторите и ова се истите материјали со кои годинава истите автори конкурирале за избор на учебник и за тоа повторно ќе им биде платено. Ова личи на чиста заработка, од која резултатот е уништено образование“, изјави Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ