26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Обилните врнежи предизвикаа поплави во Австралија, властите наредија итна евакуација на граѓаните

Австралиските власти денеска ги повикаа граѓаните на југоисточниот дел на континентот да ги напуштат своите домови откако обилните дождови кои непрекинато паѓаат веќе два дена предизвикаа ненадејни поплави.

Водата се излеа во делови од државата Викторија, Нов Јужен Велс и северните региони на островската држава Тасманија, соопштија официјални лица.

– Водата во нашите речни системи достигна критично ниво и очекуваме дека заканата од поплави ќе биде на сила во текот на оваа и следната недела – изјави за новинарите кризниот офицер на Викторија, Тим Вибуш.

Снимките на социјалните мрежи покажаа луѓе како шетаат низ вода до колена со своите миленици, некои во чамци за спасување, додека локалните медиуми објавија дека околу 200 коњи се загрозени во градот Мангалор.

На жителите на Ведербурн, мало гратче на 200 километри северно од Мелбурн, им беше наредено веднаш да се евакуираат поради можно пробивање на блиската брана.

Стотици жители на јужниот дел на Нов Јужен Велс ја поминаа ноќта во центрите за евакуација.

Метеоролошките служби предупредија на нов потенцијално опасен бран дожд следната недела.

Разорните поплави постојано го погодија источниот брег на Австралија од почетокот на годината поради климатскиот феномен Ла Ниња, кој носи повеќе дождови.