24.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Pixabay
КОРОНАВИРУССВЕТТОП ВЕСТИ

Драматична е состојбата во Австрија, се враќаат маските за ковид

Поради драматичното зголемување на бројот на новозаразени со коронавирус, во Австрија е на пат да се воведе задолжително носење заштитна маска.

Министерот за здравство Јоханес Рауч планираше да ги заостри мерките за епидемијата само кога состојбата во болниците драстично ќе се влоши. Но, тој го смени ставот по препораката на стручниот тим кој се залага за враќање на обврската за носење ФФП2 маски.

Рауч најави дека ја разгледува можноста да ја врати обврската за носење маски, посочувајќи дека развојот на ситуацијата во наредните денови е одлучувачки.

Доколку растот продолжи како изминатите денови, а секој ден има петцифрена бројка на новозаболени, меѓу 12.000 и 15.000, потребно е да се дејствува, рече тој.

Ова би значело дека ќе се врати обврската за носење FFP2 маски во супермаркетите, јавниот превоз и институциите. Во Виена, за разлика од другите австриски провинции, сè уште е на сила обврската за носење маски во јавниот превоз.

Експертите го критикуваат неработењето на надлежните, бидејќи состојбата во болниците секој ден се влошува и креветите се полнат со заболени од корона. Според прогнозите, за само две недели ситуацијата може да биде уште полоша и веќе да има 3.000 пациенти со ковид во болниците.

Одлуката за повторно воведување на обврската за носење маски се чекаше до претседателските избори, за да не се даде причина на противниците на епидемиските мерки да гласаат за оние кои се против секоја мерка и вакцина против коронавирусот.

Поради есенскиот бран на коронавирусот, хаос владее во училиштата низ Австрија.

Рауч сака училиштата да останат отворени по секоја цена, но ситуацијата станува сè потешка и првите училишта, во провинцијата Салцбург, мораа да се префрлат на онлајн часови.