Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Свет

Патник се заканувал со бомба во авион на „Сингапур ерлајнс“, летот го следеле борбени авиони

Патнички авион на „Сингапур ерлајнс“ бил пресретнат од два сингапурски борбени авиона откако патник упатил закана за бомба.

Авионот бил на лет меѓу Сан Франциско и аеродромот Чанги во Сингапур, кога 37-годишен патник рекол дека има бомба во рачниот багаж и ги нападнал членовите на екипажот.

– Два наши авиона F16C/D беа подигнати за да го придружуваат лет на „Сингапур ерлајнс“ кој пристигнува од Сан Франциско до Сингапур. Причината е закана за бомба во авионот, а нашите борбени авиони го следеа додека не слета безбедно – соопштија од воздухопловните сили на Сингапур.

Поради овој случај била мобилизирана и сингапурската војска која открила дека се работи за лажна закана и дека воопшто нема бомба.

Летот од Сан Франциско до Сингапур траеше 16 часа и 25 минути, а патничкиот Ербас СЕ А350 на крајот слета на аеродромот Чанги без одлагање. Проблематичниот патник е уапсен.

„Сингапур ерлајнс“ им се извини на патниците. Оваа компанија важи за една од најбезбедните во светот, но и во минатото имала слични инциденти.

Во 2019 година, една жена на лет меѓу Мумбаи и Сингапур беше приведена на испрашување откако пилотот пријавил закана за бомба. Една година претходно, патник исто така тврдеше дека има бомба, а и тогаш беа подигнати борбени авиони. Тој е казнет со 4.500 долари.