7.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Пендаровски ги одликуваше македонските спортисти по повод Денот на независноста

„На 8 Септември 1991 година, користејќи го сувереното право на самоопределување, прогласивме независна држава и се вклучивме во културниот натпревар меѓу народите. Но, иако почнавме од иста стартна позиција и игравме според правилата, во одредени периоди како држава се соочивме со двојни стандарди и пристрасни судии што не секогаш ни овозможуваа праведно оценување на постигнатото“ , истакна шефот на државата Стево Пендаровски на Денот на независноста.

На овој тежок пат, додава Пендаровски, постигнувавме и успеси, но, приредувавме и разочарувања за македонските граѓани.

„Енергијата честопати ја трошевме во меѓусебни обвинувања и опструкции, а на внатрешен план, најголем предизвик со кој и ден-денес се соочуваме се длабоките поделби во македонското општество, во нашиот тим. Единството е клучниот предуслов за успех, а, за да бидеме поуспешни во натпреварот меѓу народите, мора да го обновиме заедништвото и да ја вратиме свеста, не за личниот интерес, туку за општото добро“, нагласи тој.

Пендаровски на свечената церемонија на одликувања по повод 8 Септември појасни дека меѓу ретките херои на македонската независност се и спортистите кои со своите успеси нè поврзуваат дури и кога сме длабоко поделени.

„Ќе почнам со човекот кој во 1992-та ни го донесе првиот медал во независноста – нашиот параолимписки шампион Бранимир Јовановски. Со нас е и нашиот олимписки ветеран Шабан Трстена. Меѓу нас е и нашиот најмлад олимпиец, Дејан Георгиевски. Овие спортисти, нагласи шефот на државата, доаѓаат од земја, мала по територија, со ограничени ресурси и, за жал, со скромни вложувања во спортот. Но, нив, како што рече, тоа не ги поколеба да работат пожртвувано за спортската слава на нашата заедничка татковина.

„Правилно разбран и практикуван, спортот го брани идентитетот, го гради карактерот и го трансформира општеството на позитивен начин. Во овие два врвни олимписки и параолимписки идеали е содржано она што ни е и нам денес најпотребно: а тоа е подготвеност да го препознаеме најдоброто кај другиот, различниот од нас. Затоа сплотени, збогатени со сите наши таленти и разлики, како еден македонски тим, да продолжиме да го градиме нашиот заеднички дом“, порача шефот на државата.