22.8 C
Скопје
25. јуни 2022
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Свет

Европската комисија ги одобри кандидатурите на Украина и Молдавија

Европската комисија препорача на Украина и на Молдавија да им се додели кандидатски статус како симболичен чекор на долгиот пат кон членството во Европската Унија, според Блумберг, врз основа на изјавата на двајца функционери упатени на ова прашање.

Извршното тело на ЕУ ја одобри кандидатурата во петокот, со услови кои двете земји ќе треба да ги исполнат во иднина во однос на владеењето на правото, правдата и борбата против корупцијата, велат извори.

Комисијата препорача и Грузија да добие кандидатски статус, но само по исполнување на одредени услови.

– Украина е европска земја која даде доволно докази за својата посветеност на вредностите на кои се заснова Европската Унија, се наведува во препораката.

– Комисијата затоа препорачува Украина да добие кандидатски статус, со разбирање дека треба да преземе конкретни чекори, се наведува понатаму.

Не постои брз начин да се забрза напорниот процес на членство, кој обично може да потрае повеќе од една деценија, според Блумберг.

Хрватска беше последната земја што се приклучи на блокот, а нејзиниот процес на аплицирање траеше 10 години пред да биде официјално прифатен во 2013 година.

Конечната одлука за доделување статус ќе треба да ја одобрат сите 27 земји членки.