25.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Поставени се 140 километри огради долж полската граница со Белорусија

Завршени се околу 140 километри ограда долж границата со Белорусија, соопштија во неделата полските власти, сакајќи да спречат повторување на минатогодишната криза кога голем број мигранти се собраа на границата.

Според видеото што во неделата го објави државната гранична патрола, во наредните денови ќе започне работата на поставување ограда со сензори и камери. На снимката се гледа висока ограда во близина на возила кои патролираат.

Границата на Полска со Белорусија долга 418 километри беше во фокусот на миграциските движења минатата година, особено кога илјадници луѓе пристигнаа таму ненајавено. Ова наводно се случило откако белоруските власти ги поканиле во Белорусија, а потоа ги транспортирале до границата со надеж дека ќе создадат криза.

Многу мигранти кои успеале да стигнат до границата дошле од воените зони.

Врвот на кризата беше во потоплите летни и есенски месеци во 2021 година, а потоа со почетокот на зимата дојде до затишје.

Со оглед на тоа што температурите сега повторно се зголемуваат, полските власти известуваат за пристигнување на зголемен број бегалци. Во саботата, полските власти пријавија приведување на 14 лица кои се обиделе да преминат во Полска од Белорусија.

Полјаците лани во август подигнаа импровизирана ограда, а од јануари постепено ја заменија со ограда висока пет и пол метри со сензори за движење и камери.

Работите на доизградба на оградата треба да завршат до крајот на јуни, а за таа намена од буџетот ќе бидат издвоени околу 366 милиони евра.

Полските власти најавија и дека на 1 јули ќе ги укинат рестрикциите, поради што среде кризата се создаде забранета зона долж границата широка три километри.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека таквите ограничувања повеќе нема да бидат потребни откако ќе се заврши оградата.