26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Политиколог: Луѓето над 50 години полесно веруваат во дезинформациите за Украина

Дезинформациите за војната во Украина, пандемијата и другите актуелни настани претставуваат закана пред сè за постарите корисници на Ватцап, Фејсбук и другите социјални мрежи, тврди политиколог специјализиран за ширење лажни информации.

Генерацијата што не се спои со дигиталната ера е најранлива на влијанието на лажните вести, вели Јозеф Холнбургер, директор на германскиот непрофитен центар за мониторинг, анализа и стратегија, кој се занимава со теории на заговор и екстремистичка содржина.

„Постарите луѓе, кои подоцна во својот живот стапиле во контакт со платформите за пораки како Ватцап, се соочуваат со емотивно наполнета содржина за време на руската инвазија на Украина, која може да ја земаат здраво за готово“, рече Холнбургер.

„Мислам дека затоа многу образовни кампањи треба да бидат насочени кон возрасната група над 50 години“, додаде тој.

Тој смета дека официјалните лица кои сакаат да се вклучат во онлајн кампањи за дезинформација и теории на заговор треба да се фокусираат на постарите интернет-корисници.

Таканаречените „дигитални староседелци“, односно оние кои пораснале со посилни медиумски вештини, можат да разговараат со постарите членови на семејството за можните ризици од користењето интернет.

Проблемот со недостиг на медиумски компетенции не е толку изразен кај училишните деца, смета Холнбургер.

Повеќе од 60 експерти, кои учествуваа во истражувањето на Фондацијата „Водафон“ во летото 2021 година, ја потврдија оваа оценка. Тие рекоа дека постарите луѓе се речиси двојно поранливи на кампањи за дезинформации отколку адолесцентите и помладите возрасни (74 проценти наспроти 40 проценти).