26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Ѓукановиќ: Не знам што би разговарал со Вучиќ по сѐ што ни направија

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ изјави дека нема односи со српскиот колега Александар Вучиќ додавајќи дека не знае за што треба да разговараат двајцата по она што Србија го направи против Црна Гора во изминатите две години.

„Не знам за што да зборувам ако не за тоа што го зборуваа високи српски функционери за Црна Гора, за легитимитетот на српскиот свет, за природната припадност на тој српски свет“, изјави Ѓукановиќ за црногорските медиуми.

Ѓукановиќ оцени дека нема вечни непријатели, особено во политиката, и дека секогаш е подготвен за разговори.

„Овие разговори може да дојдат само кога ќе добиеме јасно декларирана намера за безусловно почитување на црногорската независност, националниот, државниот, културниот и верскиот идентитет и кога ќе преминеме на разговори за соработка што треба да нѐ доведат до просперитет и заеднички европски интереси“, додаде тој.

Според Ѓукановиќ, српскиот свет е само друго име за голема Србија.

Тоа е реплика на рускиот свет, кој беше лансиран по распадот на Советскиот Сојуз, додаде претседателот на Црна Гора.