31.8 C
Скопје
16. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Фото: Whitehouse.gov/Flickr
СВЕТТОП ВЕСТИ

САД воведоа санкции против Русија

Американскиот претседател Џо Бајден вечерва ѝ се обрати на јавноста и најави санкции што САД ќе ги воведат кон Русија како одговор на признавањето на двата проруски региона во источна Украина, но и најавата за испраќање руски војници во тие провинции.

По воведниот дел од говорот, Бајден тргна да ги објави санкциите што ќе ги воведе кон Русија. Тој рече дека „ќе работи со партнерите за да се осигури дека проектот за гасоводот ‘Северен тек 2’ ќе остане запрен“.

Бајден најави дека во првите пакет-санкции ќе блокира две големи руски финансиски институции – ВЕБ и Руската воена банка. Покрај тоа, тој најави дека делови од руската економија ќе бидат отсечени од меѓународните финансиски системи.

Американскиот претседател рече дека санкциите одат многу подалеку од оние што претходно беа воведени и дека ќе го прекинат пристапот на руската влада до западните финансии, кои ѝ се потребни за сервисирање на јавниот долг.

Бајден рече дека одобрил дополнително испраќање американски војници во сојузничките земји во Источна Европа. Тој нагласи дека војниците и опремата што веќе се наоѓаат во Европа ќе бидат испратени во балтичките земји – Естонија, Летонија и Литванија.

„Да бидам целосно јасен, ова се одбранбени маневри. Немаме намера да се бориме со Русите“, рече Бајден.

Испраќањето војници на Балтикот, како што додаде, треба да испрати порака до американските сојузници дека САД ќе ја бранат територијата на НАТО и ќе ги почитуваат обврските. Бајден не сакаше да одговара на прашањата на новинарите. Тој ќе го стори тоа на брифинг во Белата куќа, кој набргу ќе почне со неговата портпаролка Џен Псаки.