10.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ЕУ: Бараме дипломатско решение – се подготвуваат и санкции за Русија

ЕУ е целосно фокусирана на изнаоѓање дипломатско решение и деескалација на ситуацијата во и околу Украина, но во случај дипломатските обиди да не успеат, подготвени сме и подготвуваме мерки на сите полиња, од економија до миграција, соопштија денеска од Брисел.

Европската комисија нагласува дека за ЕУ ​​најважни се дипломатските активности во заедничките напори што се вложуваат со партнерите во Украина и САД во решавањето на актуелната украинска криза.

– Работиме заедно на изнаоѓање мирно решение и деескалација на проблемот – повтори портпаролот на ЕУ Петер Стано.

Во исто време, Комисијата наведува дека ЕУ работи на „цврст и сеопфатен пакет санкции во областа на економијата и финансиите“, кој ќе биде воведен против Русија доколку таа изврши чин на агресија врз Украина.

„Поминавме долг пат во подготовката на пакетот санкции. Ќе се координираме со сојузниците и ќе бидеме подготвени брзо да ги спроведеме доколку е потребно“, изјави портпаролката на ЕК, Дана Спинат.

Запрашан за одговорот на ЕУ на евентуалниот нов мигрантски бран доколку „има војна и бегалците се прелеат преку границите на Украина“, Спинат рече дека ЕУ работи на „два колосек“.

– Покрај ова, што се однесува на санкции, во широка смисла се подготвуваме за сите можни аспекти доколку ситуацијата ескалира, а миграцијата е една од темите – вели Спинат.

Европската комисија вели дека не сака да излезе во јавноста со детали за можни санкции и други подготовки во случај на ескалација во Украина, но забележува дека ЕУ има пакт за азил и миграција што ќе служи за да се најде најдобрата рамнотежа помеѓу ефикасни и хумани решенија.