14.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Барбадос станува република, кралицата Елизабета ќе биде заменета од гувернерка

Бaрбадос се подготвува да ги прекине врските со британската монархија, но наследството од понекогаш бруталното колонијално минато и влијанието на пандемијата врз туризмот се големи предизвици за карипскиот остров, кој ќе стане најновата република во светот.

Познат по плажите и љубовта кон крикетот, Барбадос оваа недела ќе ја замени кралицата Елизабета Втора со нејзиниот сегашен претставник, генералната гувернерка Сандра Мејсон.

Церемониите од понеделник вклучуваат воени паради и прослави по повод претседателската инаугурација на Сандра Мејсон.

„Вистинските синџири на ропството се скршени и ние повеќе не ги носиме, но менталните синџири сè уште преживуваат“

Почетокот на новата ера предизвика дебата меѓу населението од 285.000 луѓе за вековното британско влијание, вклучително и повеќе од 200-годишното ропство до 1834 година. Барбадос ја стекна својата конечна независност во 1966 година.

„Како млада девојка, кога ќе слушнав за кралицата, бев многу возбудена“, рече 50-годишната Шерон Белами-Томпсон, продавач на риби во главниот град Бриџтаун, која се сеќава дека имала околу осум години кога ја видела кралицата во посета.

„Како што растев, почнав да се прашувам што всушност значи оваа кралица за мене и за мојата земја. Немаше никаква смисла“, рече таа. „Ќе биде прекрасно да се има претседател на Барбадос.

За младите активисти како што е Фирхаана Булбулија, основач на Муслиманското здружение на Барбадос, британскиот колонијализам и ропството се причина за современата нееднаквост на островот.

„Јазот во богатството, способноста да се поседува земјиште, па дури и пристапот до банкарски заеми, сите имаат многу врска со структурите изградени под британско владеење“, рече 26-годишната Булбулија.

„Вистинските синџири (на ропството) се скршени и ние повеќе не ги носиме, но менталните синџири сè уште опстојуваат во нашето размислување“, истакна таа.

Првата претседателка
Во октомври, Барбадос ја избра Мејсон за свој прв претседател, една година откако премиерката Миа Мотли рече дека земјата целосно ќе го напушти своето колонијално минато.

Но, некои во земјата тврдат дека има поитни национални проблеми, вклучително и економските превирања предизвикани од пандемијата на Ковид-19, која ја разоткри преголемата зависност од туризмот, што, иронично, зависи од британските посетители.

Крајот на владеењето на кралицата некои го гледаат како неопходен чекор кон добивање компензација за решавање на историските последици од користењето на робовите донесени од Африка за да работат на плантажите за шеќер.

Спонзорирано: