7.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУССВЕТ

Во Словенија речиси секој втор тест е позитивен на коронавирус

Во Словенија во последните 24 часа потврдени се 1.257 новозаразени со коронавирус, а починале уште десет пациенти. Особено загрижува високиот процент на позитивни тестови.

Со 2.632 тестови, потврдени се 1.257 новозаразени, што значи дека 47 проценти биле позитивни,потврди во понеделникот Националниот институт за јавно здравје.

Ова е нов рекорд по бројот на позитивни тестови од почетокот на епидемијата, кој го надмина вчерашниот рекорд од 42,1 отсто. Растечкиот тренд на позитивни тестови говори за сериозноста на состојбата и високото присуство на вирусот кај населението, оценуваат епидемиолозите.

Другите епидемиолошки податоци се исто така во пораст, со што бројот на активни случаи се искачи на 28.575, а ситуацијата во болниците се приближува до бројки што може да ја поттикнат владата да ги заостри мерките.

Во болниците во моментов има 603 пациенти со Ковид, пришто во последните 24 часа се примени 58 нови пациенти, 22 се пуштени дома, а десет пациенти починале, покажуваат новите податоци на Министерството за здравство.

Владините претставници постојано предупредуваа во текот на изминатата недела дека поради оптоварувањето на болничкиот систем, ќе бидат потребни нови рестриктивни мерки, вклучително и делумно затворање.