12.8 C
Скопје
10. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАСВЕТ

Полска казнета со по милион евра дневно поради судирот со ЕУ

Судот на Европската унија објави дека ѝ наредил на Полска да плаќа парична казна од милион евра дневно поради тоа што не го суспендирала Дисциплинскиот совет на Врховниот суд. Полска е во долготраен спор со Брисел околу судските реформи, кои според европските служби ја поткопуваат независноста на судовите.

До разгор на спорот дојде во јули, кога Судот на ЕУ ѝ нареди на Полска да го суспендира Дисциплинскиот совет.

„Во пресудата објавена денеска, потпретседателот на Судот ѝ наложува на Полска да плаќа парична казна од еден милион евра дневно, почнувајќи од датумот на доставување на оваа пресуда во Полска, па до исполнување на наредбата на судот од 14 јули“, се вели во судското соопштение.

Полска се обврза дека ќе го укине Дисциплинскиот совет како дел од пошироките реформи, но сè уште не изнесе детални планови. Заменик-министерот за правда Себастијан Калета на „Твитер“ објави дека барањето на Судот е узурпација и уцена.

На барање на Европската комисија, на 14 јули Судот донесе времена мерка во очекување на исходот од постапката против Полска, според која Варшава треба да го суспендира делувањето на Советот, но бидејќи тоа не беше направено, ЕК побара да се наложи полските власти да плаќаат дневна казна во износ кои ќе ги натера да ја почитуваат привремената мерка.

Судот на ЕУ уште во април 2020 година побара од Полска веднаш да ја прекине работата на Советот, бидејќи тој не е независно и непристрасно тело и е во спротивност со правото на ЕУ. Во 2017 година, Полска усвои нови правила за дисциплинска постапка за судиите на Врховниот суд и редовните судови, вклучувајќи го и формирањето на Дисциплински совет задолжен за дисциплинска постапка против судиите на Врховниот суд и за жалбените постапки против судиите на редовните судови.

Но, ЕК во тужбата тврдеше дека новиот дисциплински режим не ја гарантира независноста и непристрасноста на Советот, чии членови се судии избрани од Националниот судски совет. Овој совет, пак, се состои од 15 судии избрани од Сејмот, долниот дом на полскиот парламент. Полска најави дека ќе го укине Дисциплинскиот совет како дел од пошироката судска реформа, но до денес не претстави никакви планови за тоа.