Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Pixabay
Коронавирус Свет

Русија се соочува со рекорден број починати и заболени со коронавирус – Путин донесе построги мерки

Во Русија, петти ден по ред, е поставен нов рекорд, 1.075 починати од Ковид-19 и 37.678 нови инфекции во изминатите 24 часа, покажуваат официјалните податоци.

Од јуни Русија се соочува со нов бран на епидемијата, за кој се обвинуваат мутираните поагресивни соеви на коронавирусот, непочитување на мерката за носење маска и големи тешкотии со кои се соочуваат здравствените власти во кампањата за вакцинација, пренесува АФП.

Бројот на починати сега достигна 229.528, што ја прави Русија земја со најмногу смртни случаи од Ковид во Европа.

Но, статистичката агенција „Росстат“ смета дека податоците се многу потценети бидејќи компанијата броела повеќе од 400.000 мртви само до крајот на август.

Само една третина од Русите се вакцинирани откако првата национална вакцина, „спутник В“, се појави во декември 2020 година. Експертите сметаат дека ваквиот неуспех на кампањата за вакцинација може да се објасни со традиционалната недоверба на населението кон властите.

Рускиот претседател Владимир Путин во средата конечно го одобри владиниот предлог за неработна недела, за да се намали можноста за ширење на инфекцијата. Компаниите нема да работат од 30 октомври до 7 ноември, за да се спречи ширењето на вирусот.

Путин појасни дека неработните денови, кои ќе им се исплаќаат на вработените во некои региони, ќе почнат порано, а во некои може да се продолжат. „Епидемиолошката ситуација е различна во различни делови на земјата, поради што нивните лидери имаат право да воведат дополнителни мерки“, рече Путин.

Делумно заклучување ќе биде воведено и во главниот град Москва на 28 октомври, што значи дека ќе бидат отворени само продавниците во кои жителите ќе можат да се снабдуваат со намирници и средства за хигиена и аптеки.