21.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Група храбри Авганистанки излегоа на улица, бараат право на работа и студирање

Група од 20 Авганистанки уште еднаш се осмели да излезе на улиците во Кабул барајќи право на работа и студирање во услови на сè помрачна перспектива што ја создава талибанскиот исламистички авторитаризам.

Видеата споделени од локалните медиуми покажуваат група од околу 20 активистки за женски права собрани пред поранешното Министерство за женски прашања во главниот град на Авганистан, каде што гласно и храбро бараат почитување на женските и човековите права.

Талибанците неодамна го укинаа Министерството за женски прашања и го заменија со Министерство за постапки, насочување и промовирање на доблести и спречување пороци. Така, новоформираното министерство стана седиште на верската полиција, чија улога е да го зајакне доследното однесување во јавноста и да се придржува до строгиот начин на толкување на исламот од страна на талибанците.

Под режимот на талибанците во 90-тите, верската полиција беше извор на страв и трепет во Авганистан, бидејќи јавно тепаше и казнуваше жени кои се осмелуваа да излезат без да ги покриваат телата и лицата.

Засега, талибанците им забранија на девојчињата да посетуваат средно училиште и им дадоа инструкции на универзитетите дека момчињата и девојките повеќе не треба да посетуваат предавања во исто време.

Во принцип, тие открија многу малку за слободите што имаат намера да им ги дадат на Авганистанките. Откако талибанците дојдоа на власт, авганистанските жени одржаа неколкудневни протести низ целата земја, барајќи тврдокорните исламисти да ги почитуваат нивните човекови права. Но, протестите беа насилно задушени. Денешниот протест во Кабул помина без инциденти.

Спонзорирано: