24.8 C
Скопје
21. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Талибанците прогласија победа над САД, влегоа на аеродромот во Кабул

Неколку часа откако последниот американски авион го напушти Кабул, завршувајќи ја 20-годишната војна во Авганистан, Талибанците го окупираа аеродромот во Кабул.

Аеродромот, кој служеше со денови за евакуација на сојузниците, од утрово е целосно во рацете на Талибанците, 17 дена откако влегоа во Кабул. Ова исто така значи дека Талибанците сега имаат целосна контрола над Кабул.

Талибанските водачи утрово симболично прошетаа по пистата на аеродромот и прогласија победа.

„Светот сигурно ја научи лекцијата и ова е момент на победа во која уживаме. Кабул ќе биде безбеден и луѓето немаат потреба да се грижат“, рече портпаролот на Талибанците, Забихула Муџахид.

Портпаролот на Талибанците, исто така, рече дека групата сака да воспостави добри односи со САД.

Според дописникот на „Њујорк тајмс“ талибанските власти велат дека ќе го отворат аеродромот за неколку дена и дека луѓето со визи ќе можат да си заминат.

„По 20 години, ги победивме Американците“, рече Мохамед Ислам, талибански чувар на аеродромот, држејќи пушка „Калашников“.

„Ги нема и сега нашата земја е слободна. Јасно е што сакаме. Сакаме Шеријат, мир и стабилност“, рече тој.

Талибанците го прославија заминувањето на Американците со рафални истрели.

САД доцна синоќа објавија дека го завршиле повлекувањето на своите сили од Авганистан речиси 20 години по почетокот на војната во таа земја како одговор на нападите врз Америка на 11 септември 2001 година.