9.8 C
Скопје
11. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Германските тајни служби потфрлиле во Авганистан

Шефот на германската разузнавачка служба БНД Бруно Кал призна дека воопшто не очекувале дека талибанците ќе се прошетаат до Кабул и така лесно да ја преземат власта. Кога Кал им објасни на пратениците пред неколку дена што се случи во Авганистан, многумина ја напуштија седницата зачудени.

БНД претрпе драматичен пораз во Авганистан, ставајќи ја владата на Ангела Меркел во непријатна позиција, бидејќи, уште во јуни, шефот на дипломатијата, Хајко Мас, ја отфрли можноста во парламентот талибанците да ја преземат власта за неколку недели.

Се претпоставува дека неговата прогноза се базирала на проценките на германските тајни служби. Федералната влада редовно добива информации за општата безбедносна состојба од БНД, Службата за заштита на уставниот поредок што работи дома и воената тајна служба МАД.

Но, очигледно сите тие, пред се БНД, целосно го занемариле фактот дека по повлекувањето на странските војници од Авганистан, германските граѓани и авганистанските соработници толку брзо ќе се најдат во најголема опасност.

Во прилог на тоа зборуваат избрзаните мерки за спасување на аеродромот во Кабул. Сега и владата и БНД се изложени на серија критични прашања и решенија од опозицијата, само еден месец пред изборите во Германија.