23.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУСМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

НУК со двојни аршини: Не е спорно да побараме лична карта, но сертификатот за вакцинација не смееме – има лични податоци

Претставниците на Независната угостителска комора сметаат дека е противзаконски да им го побараат сертификатот за вакцинација на клиентите во угостителските објекти, поради злоупотреба на личните податоци. Но, од друга страна, за НУК нема ништо спорно доколку на муштериите им побараат лична карта за точење алкохол или за влез во ноќните клубови. Зошто во едниот случај би имало злоупотреба на податоци, а во другиот не, се обиде да објасни Здравко Јосифовски од НУК.

-Доколку вие дојдете во угостителски објект ние треба да направиме увид во вашиот документ дали сте вакциниран или не, а ние тоа не смееме да го правиме. Тој содржи и име, презиме и матичен број, односно се врши увид и доколку се сомневаме дали вашиот документ е легален или нелегален ние имаме право да побараме дополнителна идентификација, вели Јосифовски за Канал 5, притоа додавајќи дека сепак може да се побара документ за лична идентификација, кој исто така содржи име, презиме и матичен број.

-Лицата се препознаваат по физички изглед дека имаат над 18 години. Ако се сомневате дека нема 18 години и не ви даде соодветна идентификација немате обврска да му точите алкохол. Не смеете никому да забраните влез освен ако се работи за забрана за посета на малолетници во ноќен клуб. Ако се сомневате за староста имате право да побарате легитимација, вели Јосифовски.

Претходно од Агенцијата за заштита на лични податоци потврдија дека угостителите кои ќе побараат вакцинален сертификат не ги кршат законите, иако очигледно од НУК не сакаат да им поверуваат на државните институции.

– Ако се врши само визуелна проверка на потврдата за извршена имунизација од вирусот Sars-Cov-2 (без оглед дали е во хартиена форма или се чува на дигитален уред) и притоа не се задржуваат лични податоци при ваквата проверка, тоа не претставува „обработка на личните податоци“ и следствено, ваквата активност излегува надвор од опсегот на Законот за заштита на личните податоци, нагласуваат од Агенцијата.

Законот за заштита на личните податоци, појаснуваат, се применува само во случај кога се врши обработка на личните податоци. Под обработка на лични податоци согласно Законот се смета секоја операција или збир на операции кои се извршуваат врз личните податоци, или група на лични податоци, автоматски или на друг начин, како што се: собирање, евидентирање, организирање, структурирање, чување, приспособување или промена, повлекување, консултирање, увид, употреба, откривање преку пренесување, објавување или на друг начин правење достапни, усогласување или комбинирање, ограничување, бришење или уништување.