24.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Pixabay / илустрација
КОРОНАВИРУСТЕМАСВЕТ

Холандија: 1.000 заразени по концерт – сите посетители морало да прикажат негативен тест или сертификат дека се вакцинирани

Многу љубители на техно и хаус музиката учествуваа на фестивалот „Веркнипт“ во Утрехт, што се одржа помеѓу 3 и 5 јули, но долгоочекуваниот масовен музички настан го претвори во ново жариште на коронавирусот.

За да влезат на настанот, посетителите требало да дадат сертификат за вакцинација, дека го прележале ковид-19 или негативен тест, пишува „Шпигел“.

Десет дена подоцна пристигна вест дека и покрај преземените мерки на претпазливост, скоро 1.000 посетители се заразиле со коронавирусот, со тенденција бројката да расте. Оваа информација ја објавија неколку холандски медиуми како „Хет Парул“ и „АД“. Станува збор за околу 5% од вкупниот број посетители на дводневниот настан.

Портпарол на холандскиот здравствен институт Лидија ван дер Мер изјави дека бројот на заразени лица може да порасне во наредните денови.

– Сепак, веруваме дека сега сме на врвот на бранот – рече таа.

Според неа, организаторите се придржувале кон епидемиолошките мерки. Првиот ден се заразиле 448 посетители, а на вториот ден 516.

Делта варијантата на коронавирусот брзо се шири во Холандија со репродуктивен број 2,17, најголем од почетокот на пандемијата, се вели во извештајот на Националниот институт за јавно здравје и заштита на животната средина (РИВМ) во вторникот.

Бројот на репродукција покажува дека на секои 100 лица заразени, ќе бидат заразени 217 нови.. „РИВМ“ смета дека помеѓу 60 и 65 проценти од сите заразени се со делта мутацијата.

Во последните денови, бројот на новоинфицирани за 24 часа беше околу 8.000. Сепак, тешко дека заразените ќе имаат потешка форма на ковид-19, се наведува во извештајот. Седумдневната инциденца минатата недела беше околу 270 нови инфекции на 100.000 жители, додека во Германија во моментов има само 6,5. Драматичниот пораст на заразата ја поттикна владата во петокот да се откаже од олеснување на некои мерки.

Дискотеките и ноќните клубови повторно се затвораат, а фестивалите повеќе нема да се одржуваат, бидејќи се чини дека тие беа главните извори на инфекција во последните две недели.