26.8 C
Скопје
23. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУССВЕТ

Лидери на светски организации: Нееднаквата распределба на вакцините поттикна појава на нови видови на Ковид-19

Светските лидери мораат да преземат нова обврска да работат на поправедна поделба на вакцините против Ковид-19 на целата планета со цел да се борат против пандемијата и да го спречат бавното економско закрепнување, повикаа четирите големи меѓународни организации.

Лидерите на Светската здравствена организација (СЗО), Светската трговска организација (СТО), Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка го повикаа Г7, пред самитот во Велика Британија во јуни, да ја финансира пандемијата со програма од 50 милијарди долари која беше подготвена од ММФ и веќе беше изложена на самитот за здравство што се одржа во Рим, пренесуваат светските агенции.

Таквата финансиска инјекција ќе овозможи значително зголемување на производството на дијагностичка опрема, лекови, кислород, медицинска опрема и вакцини за поправедна дистрибуција, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебреизус.

Оваа сума ќе овозможи да се генерираат 9.000 милијарди долари за светската економија до 2025 година, рекоа четворицата лидери на прес-конференција.

„Забрзајте го синџирот на снабдување“, порачаа тие.

Според најавите, се планира да се вакцинираат најмалку 40 проценти од светската популација до крајот на годината, а најмалку 60 проценти до крајот на 2022 година, со цел да се овозможи трајно закрепнување на светската економија.

Претседателот на Светската банка, Дејвид Малпас, рече дека е клучно да се забрза синџирот на снабдување со цел да се скрати времето од производство на вакцини до нивна примена.

Многу набљудувачи предупредуваат на нееднаквиот пристап до вакцините во богатите и сиромашните земји, влошувајќи ја и продолжувајќи ја пандемијата во која досега починаа повеќе од 3,5 милиони луѓе ширум светот.

Во заедничката статија објавена во вторникот во „Вашингтон пост“, четворицата лидери на СЗО, СТО, ММФ и Светска банка изјавија дека нееднаквиот пристап предизвика појава на нови видови на коронавирусот, што предизвика ново ширење на епидемијата во земјите во развој.