14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Битиќи и Гир промовираа проект за развојот на еногастрономскиот туризам

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир, присуствуваа на промоцијата на потпроектот „Развој на еногастрономскиот туризам“ на „Тиквеш вински туризам“, кој се реализира во рамките на проектот за локална и регионална конкурентност, со финансиска поддршка од Владата и Делегацијата на Европската Унија, во соработка со канцеларијата на Светската банка.

Во своето обраќање Битиќи посочи дека Северна Македонија има што да понуди кога станува збор за туризмот, а со реализација на проектот за локална и регионална конкурентност оваа понуда дополнително се збогатува. Тој истакна дека од вкупно 58 потпроекти, 19 се реализираат од општините, уште 19 од микро, малите или средните претпријатија, а 20 потпроекти се изведуваат од здруженија и непрофитни организации, туристички организации, образовни институции или центри за обука.

„Ова е еден од најзначајните проекти со кои се овозможени сериозни средства со вкупна вредност од 18 милиони евра за конкретни проекти, од кои 3 милиони евра се од буџетот на Владата и 15 милиони евра од Европската Унија. Економскиот развој кон кој се стремиме почнува на локално ниво“, нагласи Битиќи.

Проектот за локална и регионална конкурентност, што го администрира Светската банка, е финансиран со вкупен грант од 21 милион евра. Средствата се обезбедени од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ – ИПА II и од Владата на Република Северна Македонија во износ од 3,1 милиони евра.

„Преку програмата за локална и регионална конкурентност Европската Унија распредели 18 милиони евра за 50-ина проекти во областа на туризмот на целата територија на Северна Македонија. Во согласност со приоритетите на ЕУ, оваа програма цели кон стимулирање одржлив економски развој – преку спречување прекумерна употреба и злоупотреба на природните ресурси – и кон создавање работни места за младите луѓе. Со своето вино, природна убавина, историски места и традиција, Тиквешкиот Регион со сигурност ги исполнува сите услови за совршена туристичка дестинација. Се надевам дека Тиквеш и сите други места во земјата со туристички потенцијал ќе имаат добра летна сезона, што ќе го потпомогне закрепнувањето на секторот“, истакна амбасадорот Гир.