10.8 C
Скопје
4. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ ја намалуваат хоспитализацијата на стари лица за 94 проценти

Вакцинацијата со вакцините на „Модерна“ или на „Фајзер“ значително го намалува ризикот од хоспитализација на стари лица, покажуваат податоците на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).

Две недели по втората доза од вакцината против коронавирус ризикот од хоспитализација на лица над 65-годишна возраст е 94 проценти помал во споредба со нивните невакцинирани врсници, соопшти ЦДЦ.

Веќе две недели по првата доза, тој ризик беше 64 проценти помал, покажаа податоците од 24 болници во 14 американски држави.

Како што се очекуваше, вакцината не обезбеди заштита во текот на првите две недели по првата доза.

Во САД повеќе од 80 проценти од населението примило барем една доза, претежно со mRNA вакцини од „Модерна“ и „Фајзер“, два американски производители, а „Фајзер“ соработува со германската компанија „Бионтек“.

Во исто време, во Лондон е објавено дека дури и по првата доза на вакцината на „Фајзер“ и на „Астра зенека“, ризикот од пренесување на инфекцијата во истото домаќинство значително се намалува.

Според анализата на агенцијата за јавно здравје на Англија (PHE), тој ризик е помал од 38 до 49 проценти. Во исто време, вакцината на „Фајзер“ е малку подобра од вакцината на „Астразенека“.

Студијата, спроведена на 24.000 англиски домаќинства, е уште еден доказ дека вакцинацијата не само што штити од потешки форми на Ковид-19, туку исто така ја намалува можноста за пренесување на вирусот на други лица, соопшти РХЕ.

Спонзорирано: