10.4 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Пет жени уапсени во Франција во заговор за терористички напад

Полицијата во јужна Франција уапсила четири жени и една девојка во рамките на антитерористичката истрага за можен терористички напад насочен кон градот Монпелје, пренесува „Еуроњуз“.

Полицијата во регионот Херо ги потврди апсењата во градот Безиер и во неделата изјави дека домашната разузнавачка служба ДГСИ и националното антитерористичко обвинителство ја водат истрагата. Ниту една од петте жени приведени не ѝ е позната на полицијата од претходно.

Истражителите се фокусирале на 18-годишна девојка која живее во станбен проект во Безиер и која е осомничена за заговор за напад близу Монпелје, посочува крајнодесничарскиот градоначалник Роберт Менард.

„Мајката и трите сестри на 18-годишната девојка се исто така уапсени, меѓу нив и една малолетничка“, рече тој.

Девојката им се пофалила на соседите дека гледала видеа од терористичката Исламска држава, но Менард додаде дека не знае дали таа или нејзиното семејство биле на радарот на властите за радикализам. Менард, кој бил алармиран од полицијата за операцијата, рече дека разговарал со вознемирените соседи.

„Тие се згрозени. Се плашат дека тоа дава лоша слика за ова соседство и за муслиманската заедница тука “, рече тој.

Министерот за внатрешни работи, Жералд Дарманин, им се заблагодари на разузнавачките служби за заштита на француските граѓани и рече дека терористичката закана во земјата е сè уште екстремно висока.

„Сè уште не знам дали станува збор за осуетен напад, но беа забележани сериозни закани и со добра причина се вклучи ДГСИ под моја надлежност и по надлежност на Министерството за правда“, рече Дарманин.

Неколку француски медиуми претходно објавија дека властите дознале оти една жена – која не е идентификувана – планирала терористички напад врз верско место во Монпелје за време на велигденските празници.

При претресот во домот на жените полицијата, наводно, пронашла остар меч и хемикалии што може да се користат за изработка на експлозив. Во исто време, „Ле Поан“ цитираше извор кој рече дека хемикалиите се купени за домаќинство. Покрената е истрага дали жената имала врски со терористички групи.

Спонзорирано: