23.8 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

„Гори“ Триполи – над 350 лица повредени во судирите меѓу полицијата и демонстрантите

Најмалку 350 лица се повредени во судирите меѓу полицијата и демонстрантите во Триполи, Либан. Армијата ја презеде контролата над центарот на градот. Запалена е општинската зграда, јавуваат медиумите.

Полицијата и армијата успеале да ги потиснат демонстрантите од градот Триполи, каде четири ноќи по ред протестираат граѓани незадоволени од драматичниот пад на стандардите заради пандемијата, но и поради општото незадоволство од владата во Либан. Учесниците на протестите во зградата на општината фрлиле молотови коктели и пиротехника, по што целата зграда била зафатена од голем пожар. Дејли Стар ов Бејрут известува дека купишта запалени документи од зградата летале низ улиците, а единиците за цивилна заштита се обиделе да го спречат огнот.

Либанскиот мандатар Саад Харири ги опиша настаните во Триполи како „организиран криминал“, обвинувајќи ја армијата дека стои покрај тоа што демонстрантите го уништија градот. Тој доби мандат да формира нова влада пред три месеци, но досега не успеа да формира кабинет.

Демонстрантите нападнаа и едукативен центар во сопственост на Наџиб Микати, милијардер од Триполи, кој некогаш беше премиер.Само во четвртокот вечерта, над 100 лица побарале медицинска помош, додека шестмина биле пренесени во болница.

Новиот бран насилство во Триполи започна само неколку часа откако еден од демонстрантите почина од повредите здобиени во судирите со полицијата претходниот ден. Според медиумите во Триполи, Омар Јајба бил погоден од боева муниција, по што бил пренесен во болницата, каде починал.

Повеќе од 350 лица се повредени од понеделникот, кога започнаа немирите во Триполи. Полицијата соопшти дека за време на протестот биле фрлени три рачни бомби и околу 300 молотови коктели.Во нападите се ранети 12 полицајци.

Спонзорирано: