26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
илустрација / pixabay
КОРОНАВИРУССВЕТ

Исланд почна да издава потврди за вакцинација со цел да се олесни патувањето

Исланд почна со издавање на првите сертификати за вакцинација со цел да им се олесни патувањето на оние што се заштитиле од Ковид-19, соопштија денеска тамошните власти.

Речиси 4,8 илјади луѓе на Исланд примиле по две дози од вакцината против Ковид-19 и добиле потврда на платформата достапна на интернет од минатиот четврток, изјави исландската министерка за здравство за „Франс прес“.

Таа посочила дека целта е повторно да се овозможи циркулација на жителите иако исландскиот сертификат во моментот важи само за патувања во таа островска држава.

Исланд планира да прима граѓани на земјите од ЕУ кои ќе почнат сличен механизам или ќе го преземат механизмот што би бил воспоставен од Светската здравствена организација (СЗО).

Исланд не е дел од ЕУ, но се наоѓа во шенген-зоната за слободно движење, што е ограничена со мерките за борба против коронавирусот.

Расправата за т.н. ковид-пасоши, што ќе го олеснат патувањето, во моментот е тема на дебата во рамките на ЕУ, но прашањето е далеку од консензус.

Земји како Грција се залагаат за такво решение за спас на својот туристички сектор, но од друга страна, Франција и Германија сметаат дека е прерано за ваква дебата.