25.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Бошкова: Не треба кривично да се одговара за поседување мала количина на канабис за лична употреба

Луѓето не треба да одговараат кривично за одгледување или поседување на некоја мала количина на канабис за лична употреба, вели адвокатката и правна советничка во „Маргини“ и ХОПС, Наташа Бошкова во вечерашната дебата на „360 степени“.

„Низ годиниве откако за првпат се легализираше канабисот за медицинска употреба, паралелно со тоа одеше засилена криминализација за оние кои одгледуваат стебло до две за лична употреба. Сметаме дека таквата ситуација не е фер. Се овозможува на производителите, на моќните правни лица да произведуваат, да извезуваат и од тоа да прават профит, што несомнено е интерес на државата и немаме проблем со тоа. Но, од друга страна сме против луѓе да одговараат кривично за одгледување или поседување на некоја мала количина за лична употреба“, вели Бошкова.

Таа смета дека измените на Законот за опојни дроги за овозможување на извоз на цвет од канабис не е проблематично за нив, но смета дека паралелно со тој процес треба да се одвиваат и други измени.

„Она што министерт го зборува за измени во делот на овозможување на извоз на цвет, ние немаме проблем со тоа. Но, сметаме дека во пакет со таа измена треба да одат и други измени, во смисла на овозможување на поголем пристап на пациентите до поквалитетни и различни видови на препарати, зголемување на листата за што може да се користи канабисот како третман. Како и овозможување на лекарите од приватната пракса да може да го прават тоа, бидејќи сегашниот закон предвидува дека само лекарите од јавно здравство“,

вели Бошкова.
Според неа, добрите пракси низ светот покажуваат дека легализацијата на канабисот за медицински цели треба да оди паралелно со генералната легализација за рекреативни цели, само така може да се направи вистински импакт врз подобрување на јавното здравје и на тој начин да се дестигматизира билката.

извор: 360 степени.мк