5.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Најавени законски измени за поголема безбедност на новинарите

На 24 ноември се одржа вебинар на тема: „Изменување и дополнување на Кривичниот законик: Решение за зајакнување на безбедноста на новинарите“ во организација на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и заедничката акција на ЕУ и Советот на Европа „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (ЈУФРЕКС)“.

Главниот заклучок од настанот беше дека само преку конкретни измени на Кривичниот законик со давање надлежност на Обвинителството да постапува по службена должност и преку зголемување на казните кон напаѓачите системски ќе се подобрат безбедноста и политиката на неказнивост кон новинарите и медиумските работници. Додека се одвиваше настанот, се одѕва Министерството за правда на социјалните медиуми со укажување дека Кривичниот законик, заедно со ЗНМ и новинарскиот Синдикат, набргу ќе биде ревидиран со цел зголемување на безбедноста на новинарите. Во објавата Министерството дополнително забележа дека новите закони не се толку потребни колку што е нужно поефикасно постапување од страна на надлежните институции за истрага и санкција на нападите кон новинарите.

На вебинарот учествуваа триесетина учесници, и тоа група новинари, претставници од Владата и Министерството за правда, Советот на Европа, од Основното јавно обвинителство и адвокати што застапуваат новинари пред судовите. Свое видеообраќање имаше Бојан Маричиќ, министерот за правда, а во воведниот дел имаше и говор на Патрик Пенинкс, раководител на секторот за информатичко општество, од Советот на Европа. Исто така, учество на вебинарот имаше и Сашо Рајчев, шефот на Основното јавно обвинителство во Скопје со новинари што ја следат проблематиката на безбедност, како и странски експерт во делот на медиумското право.

Една од целите на овој настан беше да се дебатира за начините како да се изнајдат решенија за институционална заштита на новинарите и медиумските работници, а со тоа и да се придонесе во процесот на консултации предводени од Министерството за правда за измена на Кривичниот законик.

Министерот Маричиќ во своето излагање потенцира дека Министерството за правда веќе почнало постапка за изготвување нов кривичен законик со бараните измени, во кој ќе бидат вметнати и кривични дела со кои ќе се подигне нивото на заштита на новинарите, но и општо на медиумските работници. „За изготвување квалитетен текст во законот веќе одржавме состанок со претставниците од новинарската фела и новинарските здруженија, вклучително и Здружението на новинарите на Македонија и Синдикатот. Нивните предлози, секако, се добредојдени бидејќи само преку отворен дијалог токму со новинарите ќе можеме да донесеме нов закон кој дополнително ќе ги заштити слободно да си ја извршуваат одговорната работа, а сите оние што ќе се обидат да ги заплашуваат или, пак, физички и вербално да ги напаѓаат новинарите, односно медиумските работници, ригорозно да се казнуваат“, истакна министерот Маричиќ.

Патрик Пенинкс од Советот на Европа упати честитки за овој мултилатерален процес помеѓу важно засегнати страни, власта, министерствата и новинарите. Тој истакна дека досега сме биле навикнати за вакви важни теми на унилатерални решенија, кои се покажале дека биле нефункционални. „Ја поздравувам иницијативата за ваков тип на вебинар каде имаме можности заеднички да дискутираме за имплементацијата на Кривичниот законик во Северна Македонија и да ги идентификуваме оние специфични одредби во законот, кои би ги уредиле и унапредиле гаранцијата и безбедноста на новинарите. Како што се зголемува бројот на закани годишно, притисокот врз новинар(к)ите се продлабочува. Овој облик на притисок доби и специфични родови нијанси во нападите против новинарките, кои се покажаа претежно родово пристрасни, како онлајн така и офлајн. Поради тоа, силно верувам дека во ваквата заедничка дискусија со вас, засегнатите страни и странските експерти, ќе отвориме заеднички дијалог во интерес на унапредување на правната заштита на новинарите и новинарството во Северна Македонија“.

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски, во своето обраќање потенцира дека новинарите и медиумските работници играат клучна улога како чувари на јавниот интерес, а новинарската професија е важен дел на секое демократско општество. „Актуелниот тренд на напади врз новинари воопшто не ми се допаѓа, ми се чини дека влегуваме во една фаза на демократска рецесија, уште повеќе што европерспективите на глобален план, поради проблемот со Бугарија, се затвораат. Не би сакале да видиме ретроградни процеси, а овој тренд упатува на тоа. Важно е да се истакне дека неказнивоста неминовно води кон самоцензура или цензура, го ограничува просторот за слободни медиуми и ја лишува јавноста од правото да биде информирана“, додаде Чадиковски.

Филјана Кока, новинарка од МРТ, додаде „потребни се нови и соодветни законски одредби и нова клима погодна за медиуми што ги поддржуваат демократските процеси. Властите беа и се повикани да се вложат во креирање безбедност за новинарите да може слободно и независно да си ја вршат својата работа, без да биде извршен каков било притисок за тоа што известуваат, ЗНМ и новинарите нема да се откажат од тоа“.

Васко Маглешов, новинар од „Призма“/истражувачки онлајн-медиум, во својот панел потенцира дека е потребна едукација на идните судии и јавни обвинители да бидат сензибилизирани за значењето на новинарската работа со тоа што во рамките на обуките би се вовеле, односно прошириле, предметни програми за слобода на говор и изразување и за важноста на новинарската професија во демократските процеси.

Шефот на Основното јавно обвинителство, Сашо Рајчев, исто така еден од панелистите, во своето обраќање на вебинарот ја истакна поддршката на овој процес од страна на Обвинителството и даде кус осврт на одговорите на кривичното право за заштита на новинарите во Северна Македонија. Рајчев потенцира дека за суштински да се направат промените, потребно ќе биде да се зголемат ресурсите на Обвинителството.

Во својство на меѓународен експерт, Џонатан Прајс, адвокат во Doughty Street Chambers, Велика Британија, во своето излагање сподели неколку компаративни случаи од адвокатската пракса во контекстот на безбедноста на новинарите. Тој потенцира дека проблемот не е во самите закони, туку во нивната имплементација. На крајот, препораката е дека потребни се едукација и ревидирање на целокупните елементи на правосудниот систем и секако заеднички здружено дејствување од страна на сите засегнати страни.

Вебинарот беше организиран од страна на Здружението на новинарите на Македонија во рамките на акцијата која е дел од „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција II“, заедничка програма на ЕУ/Советот на Европа, имплементирана од Советот на Европа, која има цел да им асистира на корисниците во регионот на Западен Балкан и Турција во усогласувањето со стандардите на Советот на Европа и acquis на Европската Унија во рамките на процесот на нејзино проширување, онаму каде што тоа е применливо.