20.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Полицијата во Мелбурн уапси двајца организатори на протестот против носењето маска

Полицијата во Мелбурн, во југоисточната австралиска држава Викторија, уапси двајца организатори на протестот против носењето маски среде пандемијата на коронавирусот планиран за викендов во централниот деловен округ во градот, пренесува „9 њуз“.

Властите во Викторија го воведоа задолжителното носење маски на 19 јули во услови на брз пораст на нови случаи на Ковид-19 во регионот.

Два налога за пребарување беа извршени во четвртокот вечерта во Муролбарк и Чрнсајд Парк, при што беа запленети мобилни телефони и компјутер. Еден 41-годишен маж е обвинет за поттикнување, а друг 41-годишник се очекува да биде обвинет денеска. Првиот уапсен бил ослободен со кауција и треба да се појави пред судот за прекршоци во Мелбурн во јануари.

Настанот на „Фејсбук“ ги повика луѓето да маршираат против шестнеделниот карантин во градот и е дел од поширокото движење на планирани протести. Доцна во четвртокот вечерта имаше повеќе од 100 потврдени присутни и 400 кои пријавиле интерес за протестот.

„Да им го уништиме планот и да ги наполниме улиците за да им покажеме на овие криминалци дека нема да се откажеме од нашата земја и егзистенцијата без борба“, се вели во описот на настанот.

Според „7 њуз“, протестот за прослава на Денот на слободата со повеќе од 400 луѓе е закажан за недела и покрај забраната на властите. Организаторите на митингот наводно веруваат во заговор тврдејќи дека Ковид-19 е биохемиско оружје.

Ако луѓето излезат на протест, полицијата на Викторија соопшти дека нема да се двоуми да ги казни на самото место со 1.652 долара или да ги уапси демонстрантите.

„Ова е грубо кршење на препораките на главниот службеник за здравство и ги става во опасност животите во Викторија“, соопшти полицијата.

На почетокот на август премиерот на државата, Даниел Ендрјуз, прогласи состојба на катастрофа поради наглиот пораст на случаите на Ковид-19. Денеска, државата регистрира 450 нови заразени и 11 нови смртни случаи.