Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Девојка пријавила дека била сексуално вознемирувана додека полагала возачки испит

Девојка, која полагала возачки испит, пријавила во Хелсиншкиот комитет дека била сексуално вознемирувана од еден од членовите на комисијата. Случајот веднаш бил пријавен во испитниот центар, од каде што повеле дисциплинска постапка против членовите на комисијата.

„Кандидатка, која изминатиов месец полагала за возачки испит, претрпела сексуално вознемирување од страна на членовите на комисијата. За време на полагањето на испитот, еден од членовите на комисијата во повеќе наврати непристојно ја допирал кандидатката ставајќи ја неговата лева рака на нејзината десна надлакнтица и тоа во време кога возилото било во движење. Ова дејство се повторило во три наврати за време на полагање на испитот. Ваквата ситуација на кандидатката ѝ предзвикала огромен стрес и вознемирување, а од страна на другиот член на комисијата воопшто немало никаква реакција за да го спречи ваквото однесување на колегата“, се наведува во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

Комисијата во случаи на грешки од кандидатите смее да реагира исклучиво преку двојната команда на возилото и директно интервенирање во вртење на воланот. Оттука, велат од Хелсиншкиот комитет, очигледно е дека однесувањето на членот на комисијата било сексуално вознемирување врз кандидатката, кој не е прв, ниту единствен ваков случај на вознемирување врз кандидатки, кои се најчесто млади девојки на возраст од 18 години.

„Настанот од страна на кандидатката и Хелсиншкиот комитет веднаш беше пријавен во испитниот центар, од каде што многу бргу добивме позитивен одговор за преземени дејства и мерки од нивна страна. Испитниот центар по прегледување на видеоснимките и по извршен разговор со кандидатката во присуство на претставник на Хелсиншкиот комитет, поведе дисциплинска постапка против членовите на комисијата, а на кандидатката ѝ беше овозможено повторно полагање на возачкиот испит со друг состав на комисија“, се наведува во извештајот за човекови права за јули на Хелсиншкиот комитет.

Во извештајот се заклучува дека сексуалното вознемирување како форма на родовобазирано насилство е ретко препознаено, а жените како најчести жртви на ваквиот вид насилство многу ретко се свесни дека се жртви на сексуално вознемирување.

„Ваквото однесување е потребно што побргу да биде инкриминирано како кривично дело во нашиот Кривичен законик, а за сторителите да следуваат најстроги санкции. Сексуалното вознемирување не смее никогаш да биде сфатено како комплимент и од особена важност е поттикнување на јавната свест за пријавување на ваквиот вид насилство за тоа да не продолжи да се нормализира и во иднина“, пишува во извештајот.

спонзорирано: