24.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТИЗБОР

Пациентка чистела маслинки додека ѝ оперирале тумор на мозокот

Хирурзите најчесто бараат од пациентите да свират на виолина или гитара за време на операција на мозокот, но 60-годишната Италијанка вадела семки од маслинки за време на сложениот зафат, потребни како главна состојка на еден италијански кулинарски специјалитет.

Операцијата, изведена од неврохирурзи во болница во Анкона, траела два и пол часа. На пациентката, која цело време била будна, успешно ѝ е отстранет туморот на левата страна на мозокот, пишува италијанската агенција „Анса“.

„Овој метод ни овозможува да ги следиме состојбата на пациентот и функцијата на мозокот и помага постепено да ги зголемуваме активностите за време на операцијата“, објасни д-р Роберто Трињани, кој водеше тим од 11 специјалисти, кои учествуваа во операцијата.

Тој рече дека тоа е аваке-метод за време на кој пациентот се чува буден и го прави она што самиот ќе го избере.

Активноста што пациентот ја прави во текот на постапката е избрана во зависност од делот на мозокот на кој се оперира, но врз основа на индивидуалните навики на пациентот.

Тимот на д-р Трињани во последните пет години извршил шеесетина слични операции.