20.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МОЗАИК

Во Британија децата си легнуваат со телефон во раката, 42 отсто не можe да го остават ни за миг

Повеќе од половина од децата признале дека заспиваат со мобилен телефон во раката, покажува годишното истражување за употреба на модерната технологија кај младите.

Во извештајот Childwise report се утврдува дека децата во сè порана возраст добиваат мобилни телефони, а сега повеќето имаат свој телефон уште на возраст од седум години, пренесува Би-би-си.

Просечното време што децата на возраст меѓу седум и 16 години го минуваат на телефон дневно е три часа и 20 минути.

Научникот Сајмон Легет вели дека мобилните телефони може да завладеат со животот на децата.

Со оглед на тоа што телефоните се толку често при рака како приватна и лична технологија, Легет вели дека тоа може да биде пречка за родителите кај децата да го ограничат нивното користење.

Истражувањето опфатило 2.200 деца во Велика Британија на возраст меѓу пет и 16 години и покажало колкава е всушност улогата на мобилните телефони во животот на младите.

Така, 57 отсто рекле дека постојано ги чуваат своите мобилни телефони покрај креветот, а 44 отсто одговориле дека се чувствуваат многу мачно во периодите без интернет-сигнал.

Од нив, 42 процента рекле дека никогаш не се тргаат од мобилниот телефон и никогаш не го исклучуваат.

Иако децата добиваат телефон на сè помлада возраст, 11 години е просечниот период од животот кога го имаат речиси сите.

Телефоните на повеќе од 70 отсто од децата се поврзани на интернет.

Мобилните телефони се исто така најчестиот извор преку кој децата доаѓаат на интернет, без оглед дали го користат за разговор, гледање забавни содржини или добивање информации.

Младите слушаат музика на своите мобилни телефони многу почесто отколку на радио.

Платформата „Јутјуб“ останува доминантен извор за информации и забава на младите, а на неа дневно пристапуваат 61 отсто од децата што учествувале во испитувањето./Makfax