20.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Куче скитник убило новороденче во индиска болница

Полицијата во Индија истражува наводи дека новороденче починало откако било нападнато од куче скитник кое влегло во болница.

Родителите во полицијата пријавиле дека нивното дете било живо и во операциона сала кога било убиено од кучето. Од болницата, сепак, инсистираат на тоа дека новороденчето се родило мртво.

Властите од индиската сојузна држава Утар Прадеш за Би-би-си изјавија дека ја затвориле конкретната болница затоа што работела без лиценца.

Полицијата соопшти дека тие чекаат наоди од обдукцијата за да се утврди причината за смртта.

„Прелиминарните докази укажуваат на тоа дека детето било убиено од кучето. Истражуваме како животното успеало да влезе во болницата“, изјавил окружниот судија Манвендра Синг.

„Болницата тврди дека бебето е мртвородено и не умрело од нападот. Но, родителите велат дека тоа не е точно. Ние сега спроведуваме темелна истрага“, објаснил тој.

Рави Кумар, татко на новороденчето, за „Тајмс оф Индија“ изјавил дека бебето било во операционата сала кога еден член на персоналот од болницата излегол и ја оставил вратата отворена. Тогаш низ неа влегло кучето скитник.

„Детето беше каснато во пределот на градите и левото око. Лежеше мирно“, кажал тажниот татко, обвинувајќи го болничкиот персонал дека се обиделе да го поткупат.

Во државата Утар Прадеш, последниве годни има зголемен број напади од кучиња скитници. Минатата година кучиња убиле 3-месечно бебе и 7-годишно дете во два одвоени инциденти.

Во 2018 година, жителите од областа Ситапур соопштија дека кучиња убиле 12 деца во серија одделни напади./Makfax