6.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Во Словачка почна судењето за убиството на новинарот Куцијак и неговата свршеница

Судскиот процес против бизнисменот Марјан Коцнер и тројца други обвинети за убиство на новинарот Јан Куцијак и неговата свршеница Мартина Куснирова почна денеска во Словачка.

Осомничените се појавија пред судот во Пезинок, на 20 километри североисточно од Братислава.

Убиството на новинарот и неговата свршеница во февруари 2018 година поттикна масовни антикорупциски демонстрации кои го принудија тогашниот премиер Роберт Фиц да даде оставка.

Куциjак и Куснирова беа убиени во нивниот дом во близина на Братислава.

Обвинителите тврдат дека Коцнер, кој бил предмет во текстовите за корупција на Куцијак, го договорил неговото убиство.

Коцнер и двајца наводни соучесници се изјаснија за невини, додека четвртиот осомничен призна вина, објави словачката телевизија РТВС, повикувајќи се на полициски извори.

Петтиот соучесник склучил договор за признавање со обвинителите, врз основа на кој ќе се појави како сведок.

На прелиминарното рочиште судиите треба да определат датум за главната расправа или да побараат од обвинителите дополнителни докази.

Случајот ќе биде тест за словачката полиција и судските власти, откако истрагата утврди постоење врски меѓу Коцнер и функционери од безбедносните структури./Makfax

Спонзорирано: