Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Макрон: Европската одбрана на НАТО е столб во Сојузот, а не алтернатива

Европската одбрана не е алтернатива на НАТО, туку столб во тој Сојуз, порача францускиот претседател, Емануел Макрон, по завршувањето на самитот на НАТО во Ватфорд, во непосредна близина на Лондон.

Тој во настапот додаде дека сака јасен одговор од африканските лидери за тоа дали сè уште го сакаат присуството на француската војска во Сахел, област меѓу Сахара и Судан. Лидерите на земјите од Сахел тој ги покани на 16 декември да допатуваат во Франција за да го појаснат својот став за француските воени операции во регионот.

Самитот на НАТО заврши денеска, а првите луѓе на алијансата во заедничката изјава ги потврдија трајната трансатлантска врска меѓу Европа и Северна Америка и договорот за заемна одбрана, во кој нападот врз една членка ќе се смета за напад врз сите.

На самитот беше заклучено и дека руските акции претставуваат закана за евро-атлантската безбедност, како што и сè поголемото влијание на Кина претставува предизвик за алијансата.