17.8 C
Скопје
1. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Илустрација/Pixabay
СВЕТ

Моралес ги повика папата Франциско и ОН да помогнат Боливија да излезе од кризата

Поранешниот претседател на Боливија, Ево Моралес, ги повика Католичката црква, Обединетите нации и европските земји да дејствуваат како посредници во дијалогот со неговите противници за решавање на политичката криза во оваа јужноамериканска земја.

„Барам меѓународните организации, како ОН, пријателските европски земји и Католичката црква претставена од папата Франциско, да му се приклучат на нашиот дијалог за да ја смират нашата сакана Боливија. Насилството претставува закана за животот и за социјалниот мир“, напиша тој на „Твитер“.

Моралес претходно повика на дијалог што ќе ги вклучува сите движења во општеството, граѓанските организации и политичките партии.

Претседателските избори во Боливија се одржаа на 20 октомври. Според Врховниот изборен суд во Боливија, на изборите победи Ево Моралес. Неговиот главен ривал, експретседател Карлос Меса, изјави дека нема да ја признае победата на Моралес во првиот круг. По објавените резултати од гласањето, почнаа протестите.

Армијата, опозицијата и синдикатите побараа Моралес да се повлече. На 10 ноември претседателот ја објави својата оставка опишувајќи ги овие случувања како државен удар.

Во вторникот Моралес пристигна во Мексико, каде што му беше даден политички азил. Во меѓувреме, боливискиот сенатор Жанин Ањез се прогласи за привремен претседател на земјата. Уставниот суд во Боливија го поддржа предавањето на власта./Makfax

Спонзорирано: