17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

„Стандард“: Примерот со Северна Македонија е доказ зошто ЕУ направи грешка

Примерот со Северна Македонија, на која не ѝ беше одобрен почетокот на преговорите за пристапување во Европската Унија, покажува зошто целосното стопирање на проширувањето на Унијата би било голема грешка, оценува виенскиот весник „Стандард“.

„Проширувањето на ЕУ не е премногу популарно. На некои нови членки, пред сè на Романија и Бугарија, на почетокот им недостигаше зрелост за Унијата, а Полска и Унгарија по зачленувањето драстично назадуваа во политичката култура. Земјите од Западниот Балкан, кои се наоѓаат пред вратата на ЕУ и жестоко тропаат на таа врата, се уште потешки случаи – сиромашни, корумпирани и далеку од демократско владеење на правото“, наведува весникот.

„Стандард“ смета дека не треба да се осуди ветото на францускиот претседател Емануел Макрон бидејќи „таквите преговори, порано или подоцна, водат кон членство независно од тоа дали тие земји ги исполните условите реално или само на хартија“.

Според весникот, иако Франција и Холандија можеби имаат добри аргументи со барањето за нови правила за прием, сепак примерот со земјава покажува зошто целосното запирање на проширувањето на ЕУ би претставувало огромна грешка, пренесе „Танјуг“.

„Европската перспектива е најсилниот мотор за демократските и стопанските реформи и придонесува кон мирот во несигурниот регион“, констатира „Стандард“.

Владата во Скопје, потсетува весникот, потроши многу политички капитал кога се согласи на промената на името на земјата за да го реши спорот со Грција, ги исполни условите на Брисел и очекува со право награда.

Ако изостане наградата, тоа го слабее проевропскиот табор и поттикнува националистички сили, а одлуката за предвремените избори не е добра вест ниту за ЕУ, ниту, пак, за регионот, предупредува весникот.

„Стандард“ смета дека исполнувањето на дадените ветувања е единствен начин ЕУ да ги одржи во живот надежите за членство на земјите од Западен Балкан.

„Бесконечните преговори не се решение, бидејќи во некој момент ќе ја загубат смислата. Во случајот со Западен Балкан, би можело да се размисли за условено членство на една децебија или подолго, кое би било ограничено или би можело да биде повлечено“, заклучува „Стандард“./Makfax