8.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Сириските сили влегоа во градови во близина на границата со Турција

Сириските владини сили влегоа во северниот сириски град Табкa, јави сириската државна новинска агенција „Сана“, а сириската опсерваторија за човекови права објави дека сириските владини сили влегле во Аин Иса во северна Сирија.

„Сана“ објави дека, покрај Табка и воздушната база со исто име, сириските трупи влегле и во неколку други села во јужните делови на провинцијата Рака.

Табка претходно беше упориште на екстремистичката Исламска држава.

Сириските владини сили исто така претходно влегоа во Тал Тамр, северен град во близина на границата со Турција, за да се спротивстават на турската агресија, како што утрово соопшти сириската новинска агенција.

„Сана“ ова го пренесе во кус извештај, без да наведува повеќе детали.

Жителите на Тал Тамр, кои се наоѓа на 20-ина километри од границата со Турција, го поздравиле доаѓањето на сириските сили.

Во извештајот не се наведува во која област од градот дошла сириската армија.

Овие извештаи доаѓаат по најавата на сириските Курди дека ќе соработуваат со централната власт во Дамаск за да ја одвратат турската офанзива на северот од Сирија.

Во оваа голема промена на сојузниците, пренесува АП, курдските сили ќе се распоредат рамо до рамо со владините трупи по должината на сириската граница.