Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Режисерите од „златната ера“ на унгарскиот филм Илдико Ењеди и Корнел Мундручо за крај на „Киненова“

Со програмата „Фокус кон современата унгарска кинематографија“ целосно се заокружи програмата на годинашното издание на филмскиот фестивал „Киненова“. Во рамките на програмата „Фокус на современата унгарска кинематографија“ беа прикажани четири унгарски филмови од Илдико Ењеди и Корнел Мундручо, успешни режисери кои ја претставуваат „златната ера“ на унгарскиот филм.

-Во изминатите две децении унгарската кинематографија доживува преродба со голем број современи унгарски филмови што добиваат престижни меѓународни награди, вклучувајќи и два Оскара, во 2015 и во 2017 година, соопшти Амбасадата на Унгарија.

Програмата ја отвори филмот „За тело и душа“,сценарио и режија: Илдико Ењеди, кој лани влезе во најтесен круг за „Оскар“. Илдико Ењеди (1955) и’ припаѓа на постарата генерација унгарски филмаџии, со завидна филмографија зад себе која брои 14 режисерски остварувања. Своите сценарија ги реализираше во текот на 80-те и 90-те години на минатиот век, неретко освојувајќи и фестивалски награди, како „Златна камера“ на Канскиот фестивал за филмот „Мојот 20 век“ (1989). Но, по одличниот „Симон магионичарот“ во 1999 година Ењеди се повлекува од филмската сцена. На радост на многумина, по 18 години таа го реализираше „За тело и душа“ кој финишираше во ТОП 5 најдобри филмови за 2017 година снимени надвор од САД, по што авторката доби покана да стане член на Академијата за науки и уметности (АМPAS).

Од истата авторка беше прикажан и филмот „Мојот 20 век“ за кој Ењеди ја доби наградата „Златна камера“ на Канскиот фестивал во 1989 година.

Викендот, пак беше резервиран за проекции на филмовите „Нежен син: Проектот Франкештајн“, сценарио и режија: Корнел Мундручо (Kornel Mundruczo), работен според романот „Франкенштајн“ на Мери Шели (Mary Shelley) и „Јупитеровата Месечина“, сценарио и режија исто така на Мундручо. Учесникот на канскиот фестивал и добитникот на фестивалските награди во Сараево и Севиља го стави во фокус како еден од најинтересните млади европски автори во новиот милениум.

Корнел Мундручо (1975) и‘ припаѓа на новата генерација на унгарски филмаџии кои со своите први и втори остварувања веќе се наметнаа како нов бран во унгарската и европската кинематографија. Интересно, тој е успешен и како сценарист, и како актер, но најпознат е како режисер, неретко играјќи помали улоги во своите остварувања. Зад себе има неколку наградувани кратки и телевизиски серии и филмови, а неговата филмографија веќе брои 7 долгометражни филмови, меѓу кои овие два кои се дел од ревијата, според критичарите, се неговите најдобри./Makfax