17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Холандија бара Русија да екстрадира осомничен за падот на „боингот МХ17“

Холандското Јавно обвинителство испрати барање до Русија да го приведе и екстрадира граѓанинот на самопрогласената Република Доњецк, Владимир Цемах, изјави портпаролот на службата, Брехтје ван де Мосдијк за ТАСС.

„Холандското Јавно обвинителство достави барање за апсење на Цемах до надлежните руски власти на 7 септември 2019 година, со цел да биде екстрадиран во Холандија“, рече таа.

Во јуни 2018 година украинските разузнавачки агенции го киднапираа Владимир Цемах, жител на самопрогласената ДПР и поранешен командант на милицијата за воздушна одбрана. Тој беше тајно одведен во Киев преку линијата на контакт во Донбас, но беше меѓу ослободените на 7 септември во согласност со договорот постигнат од Русија и Украина за размена на притворените.

Достапните информации сугерираат дека холандското обвинителство неколку пати го сослушало Цемах. Пред размената, службата соопшти дека Цемах е личност од интерес во истрагата и изрази надеж дека ќе остане во Украина за обвинителството да има пристап до него. Сепак, украинската страна можеше само малку да ја одложи размената, што му даде време на Холанѓаните повторно да го сослушаат.

Патничкиот авион „боинг 777“ на компанијата „Малезија ерлајнс“, кој леташе од Амстердам за Куала Лумпур, беше соборен на 17 јули 2014 година во близината на Доњецк. Никој од 298 патници и членови на екипажот не преживеа. Киев за катастрофата ги обвини бунтовниците во Донбас, кои пак изјавија дека немаат оружје со кое би можеле да го соборат авионот на таа висина.

Во јуни годинава, заедничкиот истражувачки тим соопшти дека идентификувал четири лица осомничени дека стојат зад несреќата на МХ17. Станува збор за тројца руски државјани – Игор Гиркин, познат и под прекарот Стрелков, Сергеј Дубински и Олег Пулатов – како и украинскиот државјанин Леонид Карченко.

Судскиот процес е предвидено да почне на 9 март 2020 година. Холандското Јавно обвинителство истакна дека ситуацијата околу Цемах не го отежнува судскиот процес против овие четири лица.