8.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Николовски: Писмото на Јанева е без преседан

Писмото на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, што го испрати од притворот во Шуто Оризари за префрлање на предметите од СЈО во Јавното обвинителство на Северна Македонија, е доказ за координираноста помеѓу власта и СЈО и доказ за паниката во што се зафатени затоа што ова е без преседан во македонскиот правосуден систем, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски.

На новинарско прашање дали по писмото, има надеж за договор меѓу власта и опозицијата за СЈО, тој рече дека работните групи работат интензивно на тоа.

„По однос на законот, работните групи работат интензивно, ние имаме наши позиции, СДСМ има нивни позиции, има џентлменски договор помеѓу двете работни групи сè до оној момент додека немаат конечен исход да не излегуваат со своја изјава во јавност, но ние се надеваме дека ќе бидат почитувани нашите аргументи, кои се во рамките на Уставот на Република Македонија и на постојните законски прописи и дека ќе има законско решение што нема во иднина да создава проблеми, туку ќе носи решенија за борба против криминалот и корупцијата“, рече Николовски.

Доколку нема договор, вели Николовски, за ВМРО-ДПМНЕ, е прифатливо да се почитува Законот за специјалното јавно обвинителство, кој, како што рече, е многу јасен.

„Законот за различни работи предвидува различна работа. Доколку е разрешена обвинителката, значи дека е разрешена. Доколку не е, тоа е веќе друга ситуација, но значи да се почитува законот ваков каков што е сега“, рече Николовски.