8.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Pixabay
СВЕТ

Австралија им се придружува на САД во обезбедување безбедна навигација во Ормуската Теснина

Австралискиот премиер Скот Морисон објави дека неговата земја им се придружува на Соединетите Американски Држави во обезбедување безбедна навигација во Ормуската Теснина и ќе испрати ограничен воен контингент во Персискиот Залив.

„Треба да дадеме свој придонес во меѓународната мисија за одржување мир и безбедна пловидба во Ормуската Теснина“, рече Морисон.

Тој истакна дека речиси 25 отсто од нафтата доставена до Австралија поминува низ теснината.

Како дел од воената мисија во Персискиот Залив ќе бидат испратени еден воен брод, авиони за набљудување и ограничен контингент на авиони и офицери на австралиската армија.

Велика Британија на 6 август објави дека се приклучува кон американската коалиција во Ормуската Теснина.

Соединетите Американски Држави најавија создавање поморска коалиција кога Иран заплени британски танкер поради наводно кршење на поморскиот закон и напад на непознати сили на бродовите во Персискиот Залив тврдејќи дека целта ќе биде да се обезбеди безбедност на навигацијата преку клучна рута за извоз на нафта.