8.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

НСДП: Недозволиво е за клучни политички теми да се одлучува на затворени средби на партиски лидери

Во однос на најавената и одложена лидерска средба на најголемите политичи партии во земјата, Нова социјалдемократска партија (НСДП) смета дека продолжувањето на праксата за клучните политички теми да се разговара и одлучува на затворени средби на партиски лидери, надвор од институциите на системот и далеку од очите на јавноста не е во духот на европските вредности.

„Ако се земат предвид и темите што беа најавени, како што се судбината на СЈО, Изборниот законик и пописот, а кои имаат суштествено значење за понатамошните евроинтегративни процеси на земјата и оценките на Брисел за капацитетот на институциите на системот, тогаш одржувањето ваков тип средби е своевидно политичко харакири пред портите на ЕУ“, се наведува во партиското соопштение.

Од НСДП го коментираат и однесувањето на Христијан Мицковски како претседател на најголемата опозициска партија.

„Тој останува длабоко во сенка на своите ментори, кои десет години ја пустошеа државата и го доведоа во прашање кредибилитетот на институциите. Не смее да се дозволи, поради неговото отсуство од Собранието, да се задоволува желбата политичките процеси да се дефинираат и водат надвор од законодавниот дом и на тој начин да се руинира кредибилитетот на државата и нејзините капацитети да се справува со проблемите пред кои се исправени граѓаните“, сметаат од партијата.

На крајот, од таму апелираат до лидерите на најголемите политички партии да покажат политичка зрелост и да ја напуштат воспоставената пракса за теми од национален интерес да разговараат и одлучувааат на средби што немаат заснованост на темелните политички принципи содржани во Уставот на државата.