18.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
facebook
СВЕТ

Столтенберг: НАТО нема да распоредува нуклеарни ракети во Европа

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека алијансата нема намера да распоредува нуклеарни ракети во Европа.

Тој вечерва го предупреди американскиот Конрес на заканата што за алијансата ја претставува, како што рече, сѐ поупорната Русија вклучувајќи го и кршењето на договорот за нуклеарните сили со среден дострел.

„Ние мораме да ги надминеме нашите разлики сега бидејќи нам алијансата ќе ни биде уште попотребна во иднина. Се соочуваме со предизвици без преседан – предизвици со кои не може сама да се соочи која било држава“, додаде Столтенберг, јави РСЕ, пренесе „Онаса“.

Тој рече дека НАТО е најуспешната алијанса во историјата.

„НАТО е добар за Европа, но исто така е добар и за САД. Моќта на земјите не се мери само по големината на нејзината економија или бројот на војници, туку и по бројот на пријатели“, рече генералниот секретар на НАТО додавајќи дека САД преку алијансата имаат повеќе пријатели и сојузници од која било друга сила.

Столтенберг вчера се состана со американскиот претседател, Доналд Трамп, кој оцени дека сојузниците финансиски треба повеќе да придонесат за алијансата. Столтенберг посочи дека членките на НАТО вложуваат милијарди во одбраната.

„Во само две години европските сојузници и Канада потрошија дополнителни 41 милијарда долари на одбрана. До крајот на следната година бројката ќе достигне 100 милијарди долари“, изјави Столтенберг.